Самостојниот синдикат за образование, наука и култура (СОНК) ќе му даде уште една недела на Министерството за образование и наука (МОН) пред да одлучи дали ќе ја прифати понудата за зголемување на платите во образовната дејност што ќе ја добие или ќе организира генерален штрајк во основните и во средните училишта. Откако на 1 септември годинава синдикатот организира предупредувачки штрајк во училиштата, го определи септември за месец за преговори со Министерството.
Од МОН ни побараа плус време за преговори во кои се утврдува процентот на зголемување на платите и времето од кога тоа би се случило. Објаснија дека им треба време за пресметки и консултации со други институции. Одлучивме да дадеме 7 дена – рече претседателот на СОНК, Јаким Неделков.
Наставниците се незадоволни од најавеното зголемување на платите од 5 отсто и бараат повисоки плати за 25 проценти.
Инаку министерот за образование и наука Арбер Адеми во петокот рече дека им треба малку време бидејќи сè уште не почнале во Владата да дискутираат за буџетот за идната година.
Треба да ги направиме проекциите и заедно да одлучиме за идното зголемување на платите на наставниците – рече Адеми и додаде дека имаат одлична соработка со Самостојниот синдикат за образование, наука и култура (СОНК) и со вработените во образованието.
Comments are closed for this post.