Идната недела би бил спремен да се сретнам со шефот на опозицијата за законот за јавното обвинителство. Ако направиме исчекор водени од интересите на државата, можеме да постигнеме договор, вели премиерот Зоран Заев во интервју за Гласот на Америка.
Заев е оптимист дека до 15 октомври, кога се очекува одлука на министрите на ЕУ за доделување датум за преговори за членство во Унијата, ќе биде постигнат договор за јавното обвинителство.
-Очекувам дека штом се вратам веќе ќе има нешто подготвено од работните групи, од преговарачите од двете страни. Идната недела би бил спремен да се сретнам и со шефот на опозицијата или самите работни групи да направат една средба. Тоа значи дека пред министерскиот совет (на ЕУ), некаде 15, 16 октомври е убаво да го решиме ова прашање. Секако, никогаш не е доцна за такво решавање, но со самото решение ќе испратиме уште една порака за нашата политичка и демократска зрелост дека навистина и она што не е дел од извештајот за нашата земја, сепак, наоѓаме начин да го надминеме, вели Заев.
Според него, на крајот, тоа е важно за нас дома да го решиме, за да знаеме дека и понатаму имаме гаранција за независност на правната држава, обвинители кои ќе водат истраги што ќе бидат важни, за да го покренеме и економскиот стандард на граѓаните.
Тој во интервјуто вели и дека не би сакал да зборува за предвремени избори, најдоцна до крајот на октомври 2020 година. Смета дека треба да им се остави на граѓаните да почувствуваат бенефит од, како што наведува, големите интеграциски договори за НАТО и ЕУ.
Comments are closed for this post.