Германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмаер ги отфрли барањата на Полска за обештетување за Втората светска војна, нагласувајќи дека тоа не е начин за справување со минатото.
Штајнмаер вели дека вистинскиот начин да се оддалечиме од минатото и да одиме напред не е да се закопа минатото, туку „да се погледне на минатото како заедничка одговорност за подобра иднина“.
„Се надевам дека заедно со Полска, ќе тргнеме по тој пат без да погледнеме назад и да се изгубиме во дискусиите за компензација“, рече германскиот шеф на државата за Кориере дела Сера.
За германската влада, прашањето за надоместокот веќе не може да биде тема на дебата, како што рече германскиот министер за надворешни работи, Хајко Мас, во Варшава на почетокот на август. Според извештајот на германскиот Парламент во јули, Полска ја испуштила можноста да побара обештетување во 1953 и 1970 година.
Германскиот претседател смета дека двете земји треба да го изберат патот на простување.
„За нас Германците, тоа не значи дека ќе го заборавиме минатото, но ја прифаќаме нашата вина и ќе ја сфатиме нашата одговорност“, рече Штајнмаер.
За време на војната Полска претрпе големи човечки жртви и материјални загуби. Загинаа приближно шест милиони полски граѓани, меѓу кои и три милиони со еврејско потекло. Уништени беа многу градови и села.
На конференцијата во Потсдам од 1945 година беше договорено Полска да добие дел од обештетувањето наменето за Советскиот сојуз. Но, Сталин ја принуди Варшава во замена да извезува јаглен по многу ниска цена во Советскиот Сојуз
Comments are closed for this post.