Израерлскиот премиер, Бенјамин Нетанјаху, ја објави својата намера кон Израел да ја припои долината Јордан, што се наоѓа на Западниот брег. Ваквиот потег, Нетанјаху ќе го направи доколку победи на општите избори што се одржуваат следната недела.
Најавувам дека по формирањето на новата влада, имам намера да го применам правото на суверенитет на Израел врз долината Јордан и северниот дел на Мртвото море – изјави Нетанјаху во говор што беше пренесуван во живо на израелските ТВ канали.
Нетанјаху посочи дека таквиот потег нема да биде направен пред објавувањето на долгоочекуваниот американски мировен план и консултации со американскиот претседател, Доналд Трамп.
По таквите најави на Нетанјаху, нема коментари од Вашингтон, но со реакција се огласи палестинскиот премиер, Мохамед Штајех, кој изјави дека израелскиот лидер е главниот уништувач на мировниот процес.
Предупредување дека со таквите најави се загрозува мировниот процес стигна и од високата палестинска претставничка, Ханан Аршави, која истакна дека каква било анексија на дел од Западниот брег ќе ги уништи сите шанси за мир.
Тоа без сомнеж е кршење на меѓународото право и флагрантно крадење на територија. Тоа е етничко чистење и уништување, не само на решението по принципот на две држави, туку и на секоја шанса за мир – изјави Аршави, која е членка на Извршниот комитет на Палестинската ослободителна организација (ПЛО).
Западниот брег е територија што државата Јордан ја освои по првата Арапско-Израелска војна во 1948 година, со која заврши британската колонијална управа во Палестина. Јордан ја држеше територијата во текот на наредните дваесетина години. Тоа се промени во 1967 година, по Шестдневната војна, кога Израел ја презема територијата.
Долината на Јордан претставува една третина од територијата на Западниот брег.
Според меѓународните одлуки и договорот од Осло меѓу Израел и ПЛО, таа територија се води како палестинска, а под израелска окупација и не е дозволено на неа да се населуваат Евреи, нешто што Тел Авив го крши со децении. Во моментов таму живеат околу 600 илјади Евреи и три милиони Палестинци.
Comments are closed for this post.