Иако се очекуваше бурна расправа, Комисијата за избори и именувања за само еден час расправа едногласно го усвои извештајот од Советот на јавни обвинители кој предложи разрешување на Специјалната обвинителка Катица Јанева.
Како што појасни претседателот на Комисијата, Илија Димовски, содржината на материјалот на членовите им дал доволно аргументи да гласаат за разрешување на Јанева од функцијата.
Мухамед Зекири од СДСМ пак вели дека не жали што гласал за формирање на СЈО и оти за негово формирање гласала и власта и опозицијата, но оти е разочаран конкретно од Јанева.
Вината е индивидуална, ако некој се огреши треба да одговара. Јанева сите ги разочара, и дадоа поддршка и власта и опозицијата-нагласи Зекири.
Пред почетокот на Комисијата, поради ознаката „доверливо“ на извештајот на Советот на јавни обвинители, сите членови морааа да ги остават мобилните телефони, а беа исклучени и сите камери во салата.
Откако предлогот помина на надлежната Комисијата сега тој се сели на пленарна седница каде за разрешување на Јанева треба да гласаат 80 пратеници. Ако се суди според расположението на пратениците на Комисијата, многу е веројатно дека Собранието ќе изгласа разрешување на Јанева.
Comments are closed for this post.