На 29 и 30 август на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“-Скопје е првиот рок за упис во прва година додипломски студии во учебната  2019/2020 година.

Според Конкурсот на УКИМ, слободни се вкупно 10.665 места. Од нив, во квотата за редовни студенти има  5.387 места, во квотата за редовни со кофинансирање на студиите 4.248 и за вонредни студенти слободни се 1.030 места.

Како и во минатите години, надоместот што го плаќаат редовните е 200 евра, а за тие што ќе се запишат во квотата за кофинансирање или за вонредни ќе плаќаат по 400 евра.

За да конкурираат за студии, кандидатите треба да имаат положено државна матура. Критериумите и условите за упис се содржани во Конкурсот објавен на веб-страницата на УКИМ.

Вториот уписен рок на УКИМ е на 12 и 13 септември, а  третиот рок на факултетите каде што ќе останат слободни места е на 25 септември.

Согласно со Закон за високото образование донесен минатиот мај, учебната година за студентите почнува на 1 октомври.