Пет држави на Европската унија денеска објавија заедничка декларација по повод 80-годишнината од договорот со тајни клаузули меѓу нацистичка Германија и СССР, кој се смета за една од причините за започнувањето на Втората светска војна во Европа. Министрите за надворешни работи на Полска, Романија и на трите балтички републики во текстот на декларацијата ги повикуваат државите морално и материјално и натаму да ги поддржуваат истражувањата на тоталитаризмот за да не се дозволи манипулација со историјата и идеолошко оправдување на злосторствата од минатото.
Текстот на заедничката декларација гласи:
„На 23 август се навршуваат 80 години од потпишувањето на пактот „Молотов-Рибентроп“ меѓу Советскиот сојуз и нацистичка Германија, што ја разгоре Втората светска војна и со децении ја осуди на страдања половина Европа. Пактот содржел таен протокол, што во пракса ја подели Источна Европа на сфери на влијание.
Затоа на овој ден, прогласен од Европскиот парламент за Ден на сеќавање на жртвите на тоталитарните режими, ние се потсетуваме на сите оние чија смрт и уништен живот се последица од злосторствата извршени заради идеологијата на нацизмот и сталинизмот.
Болката и неправдата никогаш нема да бидат заборавени. Ќе се сеќаваме.
Споменот и одбележувањето на ужасите од минатото ни даваат знаење и сила да ги отфрлиме оние кои ги оживуваат тие идеологии и се обидуваат да го исчистат нивното име од злосторствата и вината. Сеќавањето на жртвите не мотивира да се бориме за историска правда, продолжувајќи ги истражувањата и изострувајќи го вниманието на општеството за наследството на тоталитаризмот на европскиот континент.
Основата за стабилно помирување и градење на заедничка иднина е правдата и објективната вистина. Жртвите на тоталитарните злосторства имаат право на правда. За жал, праксата на истрага и гонење пред судот на злосторствата на тоталитарните режими во одделни држави е недоволна и неконзистентна.
Ги повикуваме владите на сите европски држави да обезбедат морална и материјална помош за продолжување на историските проучувања на тоталитарните режими. Делувајќи заедно можеме поефикасно да се спротивставиме на кампањите за дезинформации и обидите да се манипулира со историските факти.
Треба да застанеме заедно против тоталитаризмот. Една јасна и цврста позиција на меѓународната заедница ќе отвори пат за натамошно помирување.
Убедени сме дека денешна Европа е безопасно место за сите народи и подготвени сме одлучно да се бориме со сите форми на неправедност. Веруваме дека Европејците никогаш нема да толерираат тоталитаризам или геноцид против кој и да е народ.
Државите се препородија како слободни и демократски по децении тоталитарно владење. Пред 30 години нашите народи започнаа демократска трансформација, која во крајна линија не направи еднакви и активни членови на Европската унија. Државите се одлучни да продолжат да соработуваат со нашите партнери во Европа и светот за да не се дозволи никогаш повеќе повторување на ужасите од минатото.
Comments are closed for this post.