Американски бизнисмени од над 600 компании и трговски асоцијации синоќа преку писмено до претседателот Доналд Трамп повикаа на итна разрешница на трговската војна со Кина, сметајќи дека оваа војна е штетна не само за компаниите туку и за потрошувачите во САД.

Во писмото се вели дека „партнерите во трговијата треба да ги почитуваат меѓународните трговски правила“.

„Ние ги поддржуваме напорите на Администрацијата во однос на недозволените трговски практики како нарушени авторски права, незаконско предавање на технологии и други проблеми. Но ние бараме Администрацијата да склучи сигурен договор со Кина кој ќе одговори на долгорочите структурни интереси, ќе ја зголеми конкуретноста на САД во светски размери и ќе ги укине царините. Сметаме дека оваа цел може да биде остварена без дополнителен товар за Американците“, се вели во писмото.

Се додава и дека зголемени царини за увозни стоки во висина од 25 отсто и сума од 300 милијарди долари пресметано со претходно воведените царини, ќе предизвика загуба на два милиони работни места во САД, ќе ги зголеми трошоците на просечното американско домаќинство за две илјади долари годишно и ќе го намали БДП на САД за еден отсто, истакнуваат претставниците на американскиот бизнис.

Меѓу компаниите кои го потпишаа обраќањето се и ритејл гигантите „Волмарт“, „Таргет“, Колс“ и „ЏејСи Пени“. Потоа, производителитот на луксузни стоки „Ралф Лорен“, производителот на облека „Ливајс“, како и „ајРобот“ производител на високо технолошка бела техника, но и американските подружници на „Икеа“, „Еко“ и „Солвеј“.

Повикот на американските бизнисмени го поддржаа и бројни асоцијации, најмогу за производство на бела техника, компјутери и комуникациска опрема.

Претходно и водечките производители на спортска опрема како „Најк“, „Адидас“ и „Андер Армор“, предупредија дека 25 процентно зголемени царини на увоз на обувки од Кина ќе биде „катастрофално“ за потрошувачите во САД.

Од Белата куќа засега нема реакција на писмото од американскиот бизнис за прекин на трговската војна со Кина.