По првиот круг од локалните избори, чудно, резултатите ми дојдоа во втор план. Не дека не ме интересираат туку поради две причини. Првата е една случка од летоска, што ми ја пренесе мој драг пријател, професор на Филозофскиот факултет на скопскиот Универзитет „Св.Кирил и Методиј“, чие име нема да го споменам, и втората, леснотијата со која премиерот Зоран Заев се расфрла со квалификации на граѓаните избирачи, кои не мислат како него и не ја прифаќаат неговата политичка матрица на практикување на власта.

Да почнам со случката од летоска. Професорот ми кажува дека на дивото пазарче во Ново Лисиче купувал одлични лубеници. Како редовен муштерија на бостанџијата, со него си почнале и блиски муабети.

И така, еден ден, бостанџијата му признал од каде точно му се лубениците. Кажувам дека се струмички, иако се од Муртино. Се плашам дека ако на муштериите им кажам дека се од Муртино, никој нема да ми ги купи. И искрено, од оваа кратка временска дистанца, потполно го разбирам. Работава излезе дека од Муртино, што се вели, ни метла не се купува, а камо ли бостан. За премиер на државата, пак, да имаш од таму, ич и муабет да не правиме.

Сега за квалификативите на премиерот. Во пополноќното обраќање од седиштето на неговата владејачка партија, наместо да се соочи со изборните резултати, тој се обиде вината за тоа да ја релативизира на сметка на постоечките коалиции. Првата на власта, како „коалиција на прогресот“, и втората, како што рече, „коалицијата на злото“!

А, која, според него, е коалицијата на злото? Коалицијата на опозициската ВМРО-ДПМНЕ! И оваа негова квалификација можеби и ќе имаше некакво значење ако ја изнесеше во текот на кампањата.

Ама, таа „коалиција на злото“ на денот на изборите освои најверојатно над 300.000 гласови на листите за локалните совети, што значи дека премиерот Заев како зло за државата етикетираше 300.000 нејзини граѓани! Чисто необолшевистички, сталинистички, од што извира неговата ментална матрица на двојна или, подобро речено, поделена личност! Мистер Џекил и мистер Хајт!

Па така, Зоран Заев од една страна е прост и сељак, а од друга угледна личност, од една страна е човек со сериозни проблеми со вистината, од друга достоинствен политичар, од една страна е промотор на криминалот и корупцијата, а од друга е чесен, од една страна е борец за правда, а од друга е мал гениј за неправда, од една страна е патриот, а од друга е лидер на отворено пробугарската струја во некогаш државотворниот СДСМ…

И ајде сега овој наш премиер, како прв човек на „коалицијата на прогресот“, да им објасни на граѓаните од кога тоа прогрес претставува, на пример, 111 место во светот според перцепцијата за корупција во државата?!

Од кога тоа прогрес претставува токму на ден пред изборите американската амбасада да го предупреди јавото обвинителство за добиена информација за 83 осуденици на слобода кои добиле оружје за создавање хаос на денот на изборите?! Од кога тоа прогрес претставува во модуларна болница, наместо здравје, смрт да најдат 14 живи изгорени луѓе?!

Од кога тоа прогрес претставува третото место во светот според смртноста на милион жители?! Од кога тоа прогрес претставува насилството врз новинари?! Од кога тоа прогрес претставува да се празнат цели шаржери од пиштоли на предизборен митинг и за тоа никој да не одговара?! Од кога тоа прогрес претставува делењето македонски пасоши на белосветски нарко-босови и криминалци?!

Од кога тоа прогрес претставува тоа што самиот премиер јавно да обелоденува затворска казна од 20 години за бизнисменот Орце Камчев?! Од кога тоа прогрес претставува за градоначалници да предлага личности, кои во соседна Бугарија веднаш би го добиле епитетот на „мутри“?! Најверојатно ни самиот не знае.

А, што од него ќе треба да очекуваат тие над 300.000 граѓани како „зло“ и отворени непријатели на сопствената држава? Да се исплашат и да не помислат да излезат во вториот круг? Секој ден наместо чиста, питка, да им дава солена вода, како што некогаш правеле грчките војници со Македонците по егејските острови или одбраната удбашка елита со заробените голооточани? Да ги става во вреќи врзани со мачка во неа?

Насилно да ги протера од сопствените огништа или ќе чека доброволно да си заминат како илјадниците претходници во последните децении по белиот свет? Со лажни белешки на АНБ да ги полни затворските ќелии?

Именувајќи како „зло“ над 300.000 граѓани на Македонија, самиот Зоран Заев станува олицетворение на злото, зашто ваква дополнителна поделба на граѓаните најмалку треба да дојде од устата на еден премиер.

И тоа многу добро ќе го знаеше ако не ја имаше прочитано само „Зоки Поки“ и тоа заради насловот, а не поради содржината. Ќе го знаеше и ако како верник (та нели бараше едно евро за Вицето, а едно за црквата) во Библијата прочиташе за паднатиот ангел зад кого стои застрашувачката слика на Луцифер.

Ќе го знаеше и ако прочиташе нешто од литературата антологија. Ама не! Изгледа под литературна антологија тој го подразбира само производството на марихуана и магичниот звук на машината за броење банкноти.

Па добро, во кој свет живее Зоран Заев?! Зарем за миг не ги погледна замрзнатите лица на неговите најблиски партиски соработници?! Да одвоеше барем еден момент ќе можеше да види една веќе видена слика.

Онаа од Собранието, кога неговите сопартијци и коалициони партнери не знаеја што да прават по објавените референдумски резултати, па по интервенција на еден од пратениците, сите вештачки направија насмеани фаци! Е, тоа беше сликата, што синоќа по полноќ ја остави најтесното партиско раководство на владејачката пробугарска струја на некогаш државотворниот СДСМ!

И таа слика не можат да ја сменат никакви „весели математики“ на Зоран Заев. Нема да помогне ни тоа токму Тито Петковски уште еднаш да се расфрла со бугарски летоци низ државата. Како ни тоа маркетиншки на едно купче да се стават општините во кои власта победи во првиот круг и оние во кои ќе има втор круг гласање. Чисто за да се прикаже ублажена слика за поразот.

Очекувањето, пак, дека ќе се победи во сите општини во кои ќе има втор круг од изборите е чиста илузија. Освен ако не мисли дека оние споменатите 83 осуденици ќе му ја завршат работата со даденото оружје, дека на сила ќе ги вади граѓаните на избирачките места или дека коалициониот капацитет навистина ќе може да му ја компензира разликата во гласови. „Па то нема ни у Београду“, велат Србите.

Главно и основно мерило за локалните избори е бројот на освоени советнички места по општините. Бројот на градоначалници е од второстепено значење. Токму живеењето во илузии е основната причина за поразот на власта на локалните избори.

Кога ДИК ќе ги објави сите конечни резултати, дури тогаш таа ќе види колку гласови изгубила од претходните локални, па претседателски и ланските предвремени парламентарни избори. И тие бројки тешко дека ќе можат да се оправдаат со „коалицијата на злото“, а уште помалку со „злите“ и „антидржавно“ расположените избирачи.