Премиерот Зоран Заев на првиот ден од официјалната посета на Црна Гора се сретна со претседателот на Црна Гора, Мило Ѓукановиќ и со претседателот на црногорското Собрание, Иван Брајовиќ.

На свечената вечера во чест на македонските државници што ја приреди претседателот на Црна Гора, Мило Ѓукановиќ, премиерот Заев и претседателот Ѓукановиќ го потврдија традиционалното пријателство меѓу двете земји и разменија мислења за идните можности за развивање на односите, посебно на планот на економската соработка и на планот на заедничките активности во НАТО и во процесот на интеграцијата на двете земји во Европската унија.

Заев во официјална посета на Црна Гора на првата заедничка седница меѓу владите на двете земји

Заев и Брајовиќ, пак на средбата  ја нагласија исклучително добрата соработка меѓу пратениците од двата парламента, можностите за продлабочување на економската соработка меѓу двете земји, а се зборуваше и за поддршка и размена на искуства од Црна Гора во процесот на започнување на преговори на нашата земја со ЕУ.

Премиерот Зоран Заев се сретна и со претседателот на црногорското Собрание, Иван Брајовиќ

Заев му се заблагодари на Брајовиќ за ратификацијата на Протоколот за пристапување на нашата земја во НАТО и информираше дека веќе 13 земји членки на НАТО го ратификуваа документот со што се отвора шанса Северна Македонија до крајот на годината да го добие статусот полноправна членка на Алијансата.