Македонските фудбалери денес во Разград со дуелот против Бугарија почнуваат нов циклус во Лигата на нации.

Селекторот Благоја Милевски за овој и за другите три средби од јунскиот прозорец најави давање повеќе минутажа на помладите играчи од кои очекува да го покажат целиот свој потенцијал.

– Секој нов натпревар е нов предизвик. Стартуваме со проблеми и повредени фудбалери, но имаме шанса да ги провериме можностите на сите повикани фудбалери. Бугарија е квалитетен тим, имаат одлични фудбалери. Секој натпревар е различен, мора да имате план кој треба да се исполни. Сепак, се прашува и противникот и ќе видиме што ќе ни донесе натпреварот. Се чувствувам горд кога момците го покажуваат потенцијалот на терен. Задоволство е да се работи со нив како карактери, момци и фудбалери. Во вистинска насока сме, рече Милевски на прес-конференцијата за овој натпревар.

На досегашните седум меѓусебни натпревари, сите со пријателски карактер, Македонците имаат две победи, Бугарите четири, а еден натпревар заврши нерешено.

Во четвртата група Ц-сегмент покрај македонската и бугарската репрезентации, се и селекциите на Грузија и Гибралтар.

Лигата на нации е натпреварување преку кое може да се обезбеди настап на Европското првенство 2024. За тоа е потребно да се освои првото место во групата и да се победи во плејофот.