Стандардот на Југославија беше 10 пати поголем од стандардот на Словачка, Полска, Унгарија,
Бугарија, Романија заедно. А стандардот на вашите земји, затоа што тука гледам луѓе од
Словачка, Чешка, сега е подобар само поради тоа што сте членки на ЕУ. Патот на напредување на Западен Балкан, како што велите вие, е членство во ЕУ. Дали ќе дојде тоа одеднаш или секторски тоа зависи од начинот на кој ќе се спроведува.

Ова, меѓу другото, го изјави премиерот Димитар Ковачевски во Братислава каде учествува на Глобалниот безбедносен форум Глобсек 2023.

Премиерот нешто слично кажа и неодамна во Скопје, по средбата со сенаторот Крис Марфи. И тогаш говореше за некогашниот југословенски стандард, ветувајќи дека ќе им го врати на македонските граѓани.

Според премиерот, поддршката од европските фондови е клучна за развојот на земјите од
Балканот, а членството во ЕУ е единствениот пат за нивен напредок.

-Обединета Европа е единствениот одговор кон справување со кризите и кон справување со предизвиците, кои произлегуваат од оваа војна која се води и која има негативни ефекти и врз економијата и врз енергетиката, порача Ковачевски.

Тој нагласи дека Конференцијата, на која учествуваат претставници од над 65 земји, се одржува во критичен момент за европскиот континент, во време на безбедносни и многу други предизвици, кои произлегуваат од војната во Украина, која, како што рече, е надоврзана со економска, енергетска, но и демократска вредносна криза во голем дел од Европа.

Како одговорен дел од меѓународната заедница, членка на НАТО, претседавач со ОБСЕ и земја со започнати преговори за членство во ЕУ, Ковачевски нагласи дека имаме обврска и должност активно да учествуваме со свој придонес кон колективната одговорност за мирот, за градење на демократијата и човековите права, како и за негувањето на добрососедските односи, бидејќи единствено така може да имаме стабилен и економски силен регион и  Европа во целина.

– Приликите кои се случија на европскиот континент го променија светот неповратно во текот на изминатата година и половина. Тоа беше сигнал за Владите дека ако сакаме да ја добиеме оваа битка во економска и енергетска смисла мора да направиме многу, да дејствуваме итно, но да бидеме солидарни, сплотени и да делуваме и дејствуваме заедно. Само така, може и успеавме во текот на изминатата практично тешка зима да се справиме и со енергетската и со економската криза и да обезбедиме за нашите граѓани непречено снабдување и со енергенси, електрична енергија и храна и да обезбедиме доволно финансиски средства во буџетот за да можат да бидат финансирани сите функции во државата непречено, порача Ковачевски.

Ковачевски, заедно со албанскиот премиер Еди Рама, ќе се обрати на панел сесија на тема „Отворени патишта: Балканот се враќа во игра“, на кој, како што рече, ќе разговараат за важноста на регионалната соработка, предизвиците кои ги имаме, но пред се можностите кои што ги имаат земјите од ЗБ преку иницијативата ОБ, преку Берлинскиот процес и секако преку брзото пристапување во ЕУ.

Во текот на денот, Ковачевски посочи дека ќе има билатерална средба со францускиот претседател Емануел Макрон, на којашто, како што рече, ќе разговараат за важни теми кои што се врзани за нашето зачленување кон ЕУ, секако и за билатералната соработка која ја имаме со Франција од првиот ден од нашата независност.

На Форумот, учествуваат шефови на држави и влади од Европа и светот, како и претставници на најзначајните и највлијателни меѓународни организации. Во фокус на дискусиите на претстојниот Форум се три теми – натамошната поддршка за Украина, отпорноста на Европа наспроти војната, како и ублажувањето на глобалните последици од конфликтот преку зајакнување на економските и енергетските врски.

Стратешката грешка што пред пет години ја направи ЕУ не може да се реши за пет минути

Кога ќе направите стратешка грешка не може да ја решите за 5 минути. Стратешките грешки имаат свој ефект во период од 5 до 10 години најмалку. Знам дека претседателката на Европската комисија е голем пријател на нашите земји, а и личен пријател, што ни помогна во најпредизвикувачките времиња затоа што неколку години работиме во ситуација на криза со пандемијата, економската, енергетската криза. Помошта што ја добивме беше потребна, нужна во тоа време, но исто така морам да потенцирам дека нашиот народ, нашите институции, заедно со премиерите на Албанија и Грција, работиме заедно сè со цел да ја решиме кризата и ја поминавме зимата, изјави премиерот Димитар Ковачевски.

Додаде дека не постои држава, што требало да донесе помачни одлуки од нас за да стане членка на ЕУ и НАТО.

Запрашан за исполнувањето на критериумите за членството во ЕУ, Ковачевски рече дека кога
станува збор за пристапувањето, сите говоревме за Копенхашките критериуми, но тие се веќе
можеби заборавени.

-Што требаше да направи С.Македонија за да стане членка на НАТО и ЕУ? Ако постои
држава што требало да донесе помачни одлуки од нас, не знам. Го сменивме името за да станеме членка. И кога се заврши со тоа, НАТО испорача, ЕУ не. Тоа се факти. Затоа што измислија некакво вето поради владеењето на правото и некои други работи, рече Ковачевски.

Тој рече и дека не би се согласил оти сите земји, што се приклучиле кон ЕУ, во тој момент биле на ниво на Франција или Шведска во поглед на интегритетот, владеењето на правото и демократија.