До крајот на месецов се очекува да биде објавен тендерот за првите 20 километри локални патишта со проектот за подобрување на локалната патна мрежа за кој неодамна беше обезбеден кредит од 70 милиони евра од Светска банка. Планирана е изградба и санација на локални патишта и улици во општините со вкупна должина од 450 километри.

Од Министерството за транспорт и врски денеска информира дека досега проекти доставиле 75 проценти од 80-те општини што може да добијат средства. Општините, информираат, работат на подготовка на проектната документација со брзо темпо и веќе е подготвен првиот тендер со кој би требало да се рехабилитираат 20-ина километри и ќе биде објавен откако Светска банка ќе ги одобри проектите.

Општините ќе може да добијат од 500.000 евра до два милиона евра, како неповратни средства. Износот се утврдува во зависност од големината на општината, бројот на население, регистрираните моторни возила. Методологијата за распределба на средствата е утврдена заедно со кредиторот – Светска банка.

– Предвидени се инвестиции во рехабилитација на локални патишта и улици во 80 општини. Владата директно ќе им помага на општините во подобрување на локалната патна мрежа преку рехабилитација на улици и патишта во сите општини. Овој проект е производ на посветената работа на вработените во Министерството во претходната година и проект што дирекно ќе се реализира преку ова министерство, Владата директно ќе им помага на општините во подобрување на локалната патна мрежа, рече на прес-конференција министерот за транспорт Горан Сугарески.

Тој најави дека ќе потпишат меморандуми за соработка со општините и апелира до сите градоначалници, што поскоро да достават проекти за да може, како што нагласи, квалитетно да ги искористат средствата што се на располагање и заеднички да го подобрат урбаното живеење во општините.

Во неколку успешни пилот општини ќе се имплементираат мали проекти за подобрување на безбедноста, мобилноста и превозот. Се планираат градежни работи за изгрaдба на потпорни ѕидови, мали свлечишта, пропусти за прифаќање на поројни води и други објекти по должината на патната мрежа со кои ќе се санираат небезбедни и ризични места. Предвидена е и изградба на пешачки патеки, велосипедски патеки, урбана опрема, автобуски стојалишта, подобрување на кривини и раскрсници, воведување школски автобуси, зависно од потребите на општините.