Друг Тито јаше на челу колоне, уз уску стазу планинску, и пред њега се једна немањ исправи и му дрекну, где ќеш дрзниче, сад ќу очите да ти ископам уз канџите мои…

За оние со пократко помнење и за оние помладите, ова е верзија и дел од „песната Очи“ оценета како „ратоборна“ во маестралната претстава на Сашко Насев, „Женски оркестар“, а во изведба на покојниот Ванчо Петрушевски во ликот на гевгеличанката Паца Петрушевска и во придружба на прочуениот „Балкан бенд“. Претставата беше хит во 90-тите години, но до ден денес некои нејзини реплики не губат од актуелноста.

Во свој филм дека е лидер од форматот на Тито деновиве е влезен и нашиот намесник премиер Димитар Ковачевски. Речиси не пропушта можност да не се пофали дека е некаков лидер со политичка визија, да каже НЕ кога е потребно и да каже ДА повеќе кога НЕ Е е, отколку кога Е потребно. Алудирајќи притоа на неговото НЕ во Брисел на првичниот француски предлог и на негово ДА на наводно изменетиот, а во суштина истиот „втор“ француски предлог.

Но, апсолутно тотално историски неписмен, нашиот Таче „Монтенегро“, алијас „Западна Бугарија“, според несфатениот хумор на албанскиот премиер Еди Рама, не ја споменува суштинската реченица на хегемонот Тито од времето на Информбирото, кога му кажа судбоносно НЕ на советскиот хегемон Јосиф Василионовиќ Сталин.

Тито, во таа 1948 година, ќе ја изрече прочуената мисла: „Јешќемо лишќе“ или на македонски „Ќе јадеме лисје“.

Е, место Таче, тоа ни го кажува министерот за надворешни работи Бујар Османи. Според него, ако не биде прифатен францускиот предлог нема„ да јадеме лисје“,  туку имаме меѓуетнички тензии, ќе гладуваме и ќе немаме струја, а младите ќе ни се иселуваат. Додуша, сега почнува малку да ретерира и да се прави луд дека такво нешто не кажал.

Ама, така е тоа со политичари, кои се изгубија во лажењето на сопствениот народ и во нетранспарентноста, криејќи го од јавноста клучниот документ Протоколот од меѓувладината македонско-бугарска комисија во кој се крие Ѓаволот. А, тој, Ѓаволот, секогаш бил и се криел во деталите.

Како и да е, ни Таче може да биде Тито, ни Бујар Османи може да биде Нелсон Мандела. Не во смисла на вистинскиот Мандела, туку онака како што шефот на државата Стево Пендаровски го гледаше доскорешниот бугарски премиер Кирил Петков во споредба со неговите претходници, особено оние од типот на „љубовта“ Бојко Борисов или на инжинерецот кој сакаше да урива наши, македонски споменици со полк бугарски армиски инженерци.

Целата уфилманост на Таче паѓа во вода кога ќе го слушне неговиот сопартиец Андреј Петров. Токму Петров ја обелодени вистината зошто Таче го кажа тоа негово НЕ во Брисел. Едноставно, и тој и партијата билер исплашени од „хистеричните реакции“ на невладиниот сектор, па нивните членови ги направи неписмени, со купени дипломи, кои дури не ги знаат ниту преговарачките процеси со ЕУ, иако на таа проблематика работат со децении. Така, „храброста“ и „лидерството со визија“ на Таче не е ништо друго, освен обичен страв за својата сопствена позиција на намесник премиер.

Сега обајцата, и Таче и Османи, уживаат на ловориките на своите државнички функции, па со својата лекомисленост мислат дека можат бескрајно да ја потценуваат интелигенцијата на народот, особено на етничките Македонци. Тоа што мнозинството го гледа, за нив е непостоечко. Тие не можат, или поточно речено, не сакаат да ја видат неизбежната демакедонизација на рати на Македонците и  нивната постепена целосна бугаризација!

А, целосната рашомонијада и целосниот крах на македонската политика и дипломатија во односите со Бугарија најпластично може да се види во последните реакции на до неодамна главните нивни двигатели, поранешниот премиер Зоран Заев и екс-министерот за надворешни работи и за евроинтеграции, Никола Димитров. Додека за Заев францускиот предлог е нешто ново и прифатливо, зашто ги гарантира македонизмот и македонскиот јазик, за Димитров е токму обратното.

Но, тоа што најмногу боли е фактот што приврзаниците на францускиот предлог со невидена леснотија влегуваат де во една, де во друга стапица. Тоа што пред 1 август 2017 година , кога беше потпишан Договорот за добрососедство, пријателство и соработка со Бугарија, и Заев и Димитров ни го продаваа како перцепција, односно дали тој е добар или лош зависи од тоа дали чашата ја гледате полуполна или полупразна, се покажа како гола лага и манипулација. Зашто, формулацијата „заедничка историја“ мислеа дека е само така ставена во Договорот, без некакво значење и суштина. Па, откако останаа со прстот в уста, а Пендаровски тоа сега го нарекува неочекувано и вистинско изненадување, видоа дека Бугарите не мислат така, целото внимание го посветија на странците од кои очекуваа со притисоци да ги попишманат официјална Софија.

Практично, целиот државен врв претставуваше еден обичен раштиман оркестар, а на нивната анационална, антимакедонска политика можеше да им завиди и позтаиот Тута бугарин од старата серија „Камионџии“.

И вториот главен момент сега е отсуството на било каква грижа, што за Македонците ќе значи прифаќањето на францускиот предлог. Ова не од аспект на бугаризацијата на рати и не признавањето на Македонците, туку во смисла какви се последици ќе донесе во и онака максимално поделеното македонски национално ткиво! А, што е најтрагично Таче „Монтенегро“, алијас „Западна Бугарија“ игра на најлошо можната карта. На таа, евентуално во Собранието, францускиот предлог да помине со гласови на владејачкиот СДСМ и на сите останати Албански партии, без да се почитува волјата на најголемата опозициска македонска партија ВМРО-ДПМНЕ.

Не знам Таче, Заев, Османи, Димитров и Пендаровски што мислат за турбофолкот и дали и кого повеќе преферираат, дали Цеца или Азис или Азис, па Цеца. Но, лично би им препорачал да ја слушнат Цеца е нејзиниот постар хит „Трула вишна“. Тука не мешам никаква просрпска или пробугарска политика, зашто Цеца е секогаш добредојдена и во Македонија и во Бугарија.

Во „Трула вишна“ има еден рефрен, кој гласи:

„Радујте се душе, ситне продане, од исте сте ‘рѓе сковане“.

Или, на македонски јазик, „Радувајте се души, ситни продадени, од иста ‘рѓа сте ковени“.