Десетици илјади Алжирци во различни градови во државата, во најмасовните антивладини протести по Арапската пролет пред осум години, го повикаа претседателот Абдулазис Бутефлика да поднесе оставка, јавуваат агенциите.

Протестите беа главно мирни, но по заминувањето на мнозинството граѓани, вечерта во близина на претседателскиот дворец избувнале судири меѓу полицијата и демонстрантите, главно млади лица.

Според официјалните податоци, ранети се 56 полицајци и седуммина демонстранти. Во текот на денот полицијата уапсила 46 лица од кои петмина се обиделе да влезат во луксузниот хотел „Ал Џезаир“. Според локалните медиуми, во текот на протестите 60-годишен маж починал од срцев удар.

Демонстрациите против плановите на Бутефлика, кој наполни 82 години, да се кандидира за нов претседателски мандат започнаа минатата недела, но вчерашните беа најмасовни.

Националната телевизија за првпат од почетокот на протестите ги започна вечерните вести со кадри од демонстрациите, притоа не споменувајќи го петиот мандат на Бутефлика.

Минатата недела властите соопштија дека претседателот ќе патува за Женева на медицински прегледи.