Генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш го поздрави дијалогот кој ги одржаа претседателот на Русија Владимир Путин и лидерот на Северна Кореја Ким Џонг Ун, соопшти портпаролот на генералниот секретар Стефан Дижарик.

„Ги поздравуваме сите можности за дијалог во врска со напорите и пронаоѓањето решенија за кризата на Корејскиот полуостров“, изјави портпаролот.

Првиот разговор меѓу Путин и Ким се одржа во рускиот град Владивосток, а за време на самитот на Русија и Северна Кореја двајцата лидери одржаа состанок зад затворени врати.

Лидерите разговарале за моменталната ситуација во меѓународните односи и можност за нивниот развој, а посебно внимание посветиле на ситуацијата на Корејскиот полуостров и прашањето за денуклеризација на Северна Кореја.

Путин по состанокот изјави дека Ким е „паметна и интересна личност за разговор“, додека лидерот на Северна Кореја го пофали разговорот како „содржаен“.